Пусто сребро и пусти пари

Затворот може да биде сечиј дом. Таму се влегува заради сторено кривично дело. Некогаш тоа било заради народна слобода, заради борба за подобро утре, а некогаш заради злостор и личен ќар.

Чинам дека сепак најчесто во затвор може да се влезе заради второво, бидејќи личниот ќар и наоѓањето лесен пат до него е многу позачестен мотив отколку слободарските идеали. Во современото наше општество, арамилакот го има насекаде  од најмалата трафика, до најмеката функционерска фотеља. Тоа што  се казнети само оние кои имаат најмалку пари, говори дека правдата кај нас се дели и мери исто како пред век и половина со пусто сребро, пусти пари. 

Автор: Васко Гичевски

Не постоела сегашност кој изминала и станала историја, во кој што немало престапи и престапници. Затоа безмалку и нема историски период во кој немало прогон на оние што ги прекршиле општествените норми и правила. Во сите досега нам познати цивилизации, постоеле и правила, но постоеле и институции кои ги спроведувале тие норми односно закони, како што постоеле и специјални простори каде се чувале оние кои се огрешиле пред општеството. Тие институции, стручно ги нарекуваме казнено поправни установи или со народски јазик кажано затвори. Но, што е разликата меѓу затвор и казнено поправна установа? Со зборот затвор објаснуваме дека  тоа е  едно место каде има некое лице затворено заради некаков прекршок и таму ја одлежува казната. Казнено поправен дом е нешто понов термин, кој сме го усвоиле согласно просветителската традиција и цел дека секој кој се огрешил може и да се поучи на грешката па да се поправи и да стане функционален член на општеството. 

Од тука современите казнено поправни установи, всушност повеќе би требало да превоспитуваат а помалку да служат како место каде се одлежува некоја казна.  

Честопати читаме за лошите услови и криминалот кој што непречено се развива во места кои впрочем треба да го „лечат“ и „поправат“ криминалецот. Тоа е возможно само поради корупцијата односно рушветот, нешто што кај нас е долговековна традиција и ендемска појава силно вкоренета во сите нас.

Кога во 1861 година Миладинов наклеветен дека е руски шпион се нашол во Битолскиот централен затвор, во едно писмо запишал „Излез од тука е можен само со дѝ аргент – пусто сребро, пусти пари“. Сосема е јасно на што алудирал. Историски ни е познато дека зад неговото затворање стоел добар рушвет даден на османлиски власти, па веројатно за да се спаси, требало уште поголем рушвет.

Затворите во тоа време биле ужасни. Најчесто претрупани, без основни санитарни услови, полни со вошки и стаорци. Би напоменал и тоа дека некои посебни услови и стандарди за затворски објект не постоеле. Доволно било да има дебели ѕидови, решетки, врати кои добро се заклучуваат и ете еден совршен затвор. Затоа многу често затвори во османлиска Македонија можеле да бидат разни објекти, кули, анови, подруми, тврдини. Странските претставници во Османлиската Империја постојано апелирале на овој факт, иако условите многу тешко или воопшто не се подобрувале.

Затворениците биле подложувани на севозможни физички измачувања, со минимум храна и вода, сместувани во простории кои често вриеле од инсекти и глодари. Вообичаено притворениците не добивале воопшто храна, додека осудените затвореници добивале вода и 300 грама леб на ден.

Се останато требало да си го набават сами. Поради тоа околу затворите често се формирале и своевидни чаршии од каде затворениците преку своите роднини, пријатели или преку стражарите се снабдувале со храна и други стоки. Богатите затвореници живееле раскошен живот.

Некои од нив дури си опремувале и цела соба, каде потоа ги сместувале и своите жени. Тоа биле ретки примери, најчесто станува збор за исклучително богати и прочуени даребеи (разбојници), лихвари и арамии. Османлиската империја е држава каде поткупот владеел. За пари се добивала, слобода, функција, за пари се купувала и невиност дури и кога сте извршиле најтешки злостори.

Османлиски затвори во Македонија

Македонија во втората половина на 19ти и почетокот на 20ти век била админстративно поделена во рамките на три вилаети: Солунски, Скопски  и Битолски. Секој вилаетски центар имал свои затвори.

Во Солун биле најпознати затворите Беаз куле и Еди куле, во Битола – Вилаетскиот централен затвор, Зандан Кулето и Тимархането, а во Скопје Куршумли ан. Во сите овие затвори се вршеле тешки мачења. Затворениците биле физички измачувани, врзувани за ѕид, оковани во пранги, сечени и горени со вжештени железа.

(Затворот Беаз Куле во Солун, фотографија: Викимедиа)

Во Битола најтешките престапници биле сместувани во Катиљханането. Објектот бил изграден на правоаголна основа на два ката. Во внатрешноста имал и три помали објекти. Меѓу затворениците тие биле познати како Борџија, Назарет и Катиљхане. Имињата произлегле главно од тоа какви дела имале сторено затвореници кои престојувале таму.

Во делот на Катиљхането биле сместувани убијците, додека во Борџија, должниците. Условите во затворот биле ужасни, просториите не се затоплувале во зима, хигиената била субстандардна. Ѕидовите и таваните биле обраснати со мов и мувла поради влагата, и оној малку мебел што го имало бил изгниен, просториите биле полни со кал, нечистотија, инсекти.

(Вилаетскиот затвор во Скопје, фотографија: Викимедиа)

Особено бил озлогласен делот за егзекуции познат како Ченгел Каракол. Таму затворениците биле фрлани живи на ченгел и од таму потекнал називот Ченгел Каракол. Воопшто, поради заплашување честа била глетката кај Драгор да се ставаат на колци исечени глави ли на мостовите да бидат поставувани бесилки каде биле бесени затвореници со закачен натпис на кој пишувало со што ја „заслужил“ соодветната казна.

За жал, не постои точна бројка колку затвореници во различни периоди биле затворени во овие затвори. Првиот османлиски попис на затвореничката популација на овие простори се спровел во период од 1911 до 1912 година, односно кратко пред Османлиите да ги изгубат овие територии.

Според тој попис во Битолските затвори имало 3998  затвореници, 168 затворенички, односно вкупно 4173 затвореници.  Поради пренатрупаност, од време на време затворениците биле носени на заточение во разните краишта на Османлиската империја. Најчести казнени дестинации биле Фезан во Либија, тврдините на Родос, Подрум Кале и најозлогласениот затвор во Дијар-бекир во Анадолија. 

Ѓорѓи Ачков со група затвореници / Фотографија: Википедија

По Илинденското востание како и многумина на сурѓун односно прогон на сто и една годинашна казна биле осуден и Ѓорги Ачков од Прилеп заедно со 323 други. Според Ѓеорѓи Ачков, патувањето од Битола до Дијар-бекир траело 70 дена. Од Битола тргнале 323 души, а до доаѓањето во Дијар-бекир загинале 121 човек; од нив 42 биле заклани а 48 прободени. Останатите умреле од излив во мозокот, од умор, рани, глад и други мачења. Седум месеци подоцна, на 10 април 1904 година, затворениците добиваат радосна вест дека се дава амнестија на сите политички затвореници, дека се ослободени. На 14 април тргнуваат кон Македонија. По 54 дена патување преживеаните 202 затвореници стигнале во Македонија.  

Затворите како што видовме погоре, може да бидат сечиј дом. Таму се влегува заради сторено кривично дело. Некогаш тоа било заради народна слобода, заради борба за подобро утре а некогаш заради злостор и личен ќар. Чинам дека сепак најчесто во затвор може да се влезе заради второво, бидејќи личниот ќар и наоѓањето лесен пат до него е многу позачестен мотив отколку слободарските идеали. Во современото наше општество, арамилакот го има насекаде  од најмалата трафика, до најмеката функционерска фотеља. Тоа што  се казнети само оние кои имаат најмалку да пари, говори дека правдата кај нас се дели и мери исто како пред век и половина со пусто сребро, пусти пари. 

Последни епизоди

Колумни

Спонзорства

Стани партнер на Анекта

Спонзорирај епизода на Анекта и промовирај го твојот бизнис, цел или кауза на нашиот поткаст.