Што криеле ѕидовите во „турско“: Животот во куќите на нашите предци

Домовите можат да се класифицираат според местоположбата, материјалот и начинот на градба, како и според имотната состојба на сопствениците. Животот на населението бил тесно поврзан со нивната дејност и секогаш диктиран од верските прописи, кои биле основа на секоја верска група во санџакот.

Автор: Васко Гичевски

Објектите за домување низ историјата се менувале. Започнувајќи од праисториските пештери, па сè до денешните станбени згради и облакодери, домот на човекот секогаш го носел печатот на времето во кое бил изграден. За историскиот изглед на објектите за домување сведочат не само историските извори, туку и археолошките остатоци.

Најподатлив период за проучување е XIX и XX век, кога Македонија се отворила кон светот. Во тој период на овие простори доаѓале патеписци, истражувачи, конзули и политички претставници, кои оставиле написи за тоа како изгледале домовите на населението. Воедно, се проширува писменоста кај народот, па за првпат имаме мноштво домашни извори во форма на писма, мемоари, сеќавања, наредби и директиви, кои содржат вредни податоци за овие често изоставени аспекти од минатото.

Домовите можат да се класифицираат според местоположбата, материјалот и начинот на градба, како и според имотната состојба на сопствениците. Животот на населението бил тесно поврзан со нивната дејност и секогаш диктиран од верските прописи, кои биле основа на секоја верска група во санџакот.

Во однос на домувањето, постоеле два основни типа: домови на сиромашните и домови на богатите. Домовите на богатите се состоеле од куќа за живеење со кула за заштита од арамии. Особено беговските куќи биле поделени на два дела: харемлик, каде што престојувале жените, и селамлик, за мажите. Во овие конаци имало бујук одаси со европски софи или дивани, посебно место за приготвување кафе и кујна. Подовите биле обложени со штици, а за спиење се користеле рогузини или килими поставени на подот.

Во дворот биле сместени шталите и помошните објекти за сместување на стоката или земјоделските алатки. Богатите домови имале и градини со црници, рози, акации и разновидни овошки. Имотните семејства имале и послуга, па во куќата се одделувал посебен простор за нив.

Сосема различни биле условите за сиромашното население, кое го сочинувало најголемиот дел од жителството. Големината и типот на куќата зависеле од економската состојба на семејството. Куќите на поимотните селани биле од камен и релативно покомфорни. Се состоеле од дневна соба, спална соба и просторија за чување продукти. Подовите биле земјени, а за спиење се користеле перници покриени со грубо волнено платно — често единствениот мебел во домот.

Во планинските места, куќите биле изградени од камен, а луѓето често живееле заедно со добитокот. Прозорците биле мали за да ја задржат топлината во зима. Често се работело за едноставна дупка во ѕидот што се затворала со дрвен капак. Застаклените прозорци, односно „џамли пенџер“, биле вистинска реткост и симбол на богатство. Подовите и таму биле од земја, а имало и големи наезди од инсекти.

Во Кичевско се забележани приземни куќи со голема влезна врата и посебна, мала излезна врата. Долги биле 15 метри, а широки 4–5 метри. Во нив се живеело задружно, а понекогаш и до 50 луѓе делеле ист простор.

Во рамничарските села, шталите и трлата биле сместени во оградени дворови, а кучињата служеле за заштита од арамии. Материјалите за градба варирале, но сите биле природни: кал, прачки, камен и непечена тула – плитар.

Голем дел од оваа архитектура денес е изгубен. За неа сведочат најмногу фотографиите направени од војници за време на Првата светска војна. Сепак, дел од овие објекти сè уште може да се најде во селата и градовите низ Македонија. Ваше е само да посакате да патувате и да истражувате!

На овој линк погледнете како изгледале куќите нашите предци.

Последни епизоди

Колумни

Спонзорства

Стани партнер на Анекта

Спонзорирај епизода на Анекта и промовирај го твојот бизнис, цел или кауза на нашиот поткаст.