Делчев каков што не го познавате

“Труд и постојанство, тоа е силата, со помош на која човек станува највелик при секоја иницијатива” – Гоце Делчев

Ликот и делото на Делчев, се секогаш присутни теми, но за жал општата публика многу малку или воопшто не го познава Гоце како човек. Во овој текст во кој ќе отсуствуваат податоци за акции, борби и нивни хронологии. Текстов нека послужи за едно воведно запознавање со неговата личност, бидејќи како ќе го познаеме делото ако не го запознаеме човекот.

Автор: Васко Гичевски

Детство

Гоце Делчев роден е во Кукуш на 04.02.1872 година, во семејството на Султана и Никола Делчеви. Семејството за за тоа време било прилично имотно па така Гоце израснал во пристојни економски услови опкружен со своите сестри и браќа. Уште како дете имал немирен карактер, сакал да игра со сите деца. Како дете до 3 годишна возраст бил особено болежлив а потоа според кажувањата на Лика Чопова воопшто не се разболел. Бил мнoгу приврзан со својата мајка, која од него сакала да направи „Цар над царевите“ и многу го разгалила. Во домот на Делчеви секогаш доаѓале луѓе на кои им била потребна помош, па така Гоце уште од мали нозе развил чуство за милозливост, праведност и чесност. Живеел во многудетно семејство кое броело 11 души. Омилена игра од детството на Гоце му била каваците, игра за која бил вистински мајстор. 

Прогимназиските денови 

Во учебната 1879/80  Гоце го започнал своето образование во унијатската прогимназија во Кукуш. Подоцна се префрла во егзариската прогимназија, каде до израз добива неговиот буен карактер и интелект. Додека бил во прогимназијата заедно со учениците се договориле да направат некаква завера против учителот, но некој од соучениците ги издал кај наставникот па така „акцијата “ пропаднала. Гоце решен да го казни предавникот, се степал и го пробол со кама во грбот. Ваквото акција не останала неказнета а Никола Делчев морал да ги сноси трошоците за лекувањето на казнетиот предавник. Неговата сестра Руша Делчева, соопштува дека Гоце од мал си играл со ками и пиштоли а другарувал со сите деца. Еднаш неговата мајка му забележала, за тоа дека си игра со Турци и Роми а тој и одговорил: „Ако мајко па и тие се луѓе“. Како ученик сакал да многу да чита, еден од омилените романи му бил „Капетановата ќерка“ од Пушкин кој безмалку го знаел и наизуст. Во време кога книгите слабо циркулирале, читал се што неговиот повозрасен пријател, Поне Икицулев ќе најдел на масите во становите на неговите учители. Често го посетувал и Христо Бучков кој за тоа време бил особено учен човек, па на Гоце „му расправал разни истории за разни земји“. Време за игра одвојувал само тогаш кога не учел или не помагал околу крчмата на татко му. Прогимназијата ја завршил во 1886 година како еден од најдобрите ученици.

Гимназиски денови

По завршувањето на прогимназијата, Гоце сакал да го продолжи образованието во Солунската гимназија. Неговиот татко пак на почетокот бил против оваа негова желба и сакал неговиот син да го наследи во неговиот занает. По низа настани Никола се премислил и Гоце во 1888 година стапува во прв клас гимназија.  Пансионот на гимназијата го чинел 7 и пол турски лири. Во гимназиските денови, Гоце се внел во читањето и диксусиите. Читал се што имало во богата библиотека на гимназијата а додатно порачувал книги од Русија. Првата учебна година ја свршил со особен успех, поради што како награда за  одличниот успех од солунскиот валија ги добил делата на Пушкин. Во гимназијата имал особено богат фонд на часови: француски јазик, грчки јазик, турски јазик, математика, зоологија, ботаника, минерологија, географија, литература, катихизис, богослужение, природна историја, бугарск црковна историја, општа историја, психологија, антропологија, латински јазик. Кабинетите биле пак добро уредени со нагледни средства, особено од областа на природно математичките предмети. Останува забележана епизодата кога Гоце во 1889 година на роденденот на султанот Абдул Хамид II кога било обичај да се пее химната на султанот и да се вика „Јашаа- Да живее“, Гоце извикал „Ашаа- долу“ и со тоа предизвикал скандал.  Тука Гоце формирал и литературни кружоци во кои заедно со своите истомисленици, ги анализирале италијанските, француските, руските и други  автори. 

Јункерски Денови

Неговата „запалена глава“ не била соодветна за гиммазијата па така и сам решава во 1891 година да се префрли во Софиското воено училиште со цел да се стекне со воени вештини и што побрзо „да се вклучи во борбата за ослободување на Македонија“. Многупати поради неговиот буен карактер, бил затворан па така и пред крајот на школувањето, поради социјалистичката литература пронајдена кај него ќе биде казнет со непроизведување во офицерски чин.  Сеедно Гоце, според сведоштвата на современиците се каел и се разочарал поради изборот на воената кариера, која била претесна и премногу униформна за личност како неговата. Неговиот политички интерес не останал незабележан од останатите па така Иван Хаџи Николов уште во 1893 година ќе го повика Гоце да учествува во создвањето на МРО но Гоце ќе одговори дека сака прво да го заврши училиштетото па потоа да се вклучи во организацијата.  Набрзо во 1894 година Гоце ќе биде исфрлен од училиштето, со свршен офицерски курс, но со наредба никогаш да не биде произведен во офицерски чин.

Даскал и револуционер

Со нецели 22 години Гоце во 1984 година со Солун се среќава со штотуку формирната МРО, се здружува со Дамјан Груев и решаваат заедно да учителствуваат во Македонија и да ја шират идејата. Груев за Гоце ќе каже дека уште од почетокот му отавил впечаток неговиот искрен карактерт и чесност. За време на учителствувањето,кај учениците Гоце бил пример за тоа како еден учител треба да изгледа. Непосреден со ведар дух, од учениците често барал да му раскажуват приказни и преданија за нивните предци. Предавал француски јазик, бугарски јазик, алгебра и редица други предмети, бидејќи тогаш не било востановено правилото еден учител да предава само еден предмет. Напоредно со учителската работа неуморно држел говори по разни седенки, приватни средби, односно секаде каде ќе стигнел. Уредувал канали за оружје, патувајќи низ разни околии, зиме и лете. Така според Даме Груев:  „Ја спечалил стомачната болест која го мачела до гроба“. Гоце се до смртта страдал од хронична стомачна болест, поради која како што им сам велел: „Му пречела во работата и го терала да се срами пред жените“.  Болеста се одликувала со силни и изненадни болки, при што често паѓал на земја и се виткал, болест која му дала бројни непреспани ноќи и гладни дни. Водел особено лош стил на живот, често во беспарица, како што и сам во своите писма вели: „Шворцот најтешката болест“. Бил интезивен пушач а пушел со чибук на кој бил изгравиран натпис „Кукуш“. Пиел „тешко кафе“, односно дупло кафе, а имал и определени кулинарски вештини. Меѓу другите јадења, знаел понекогаш да направи „пита со месо како што ја правела мајка му“. Ретко кога безцелно шетал низ градот, повеќе сакал да седи дома и да чита и не излегувал надвор без за тоа да има некоја потреба. Бил сјаен организатор на акции но поради неговата болест бил особено лош во практиката. При една таква акција, киднапирањето на Назлам бег, Гоце измачуван од болките заспал а бегот успеал да се одврзе и избега од логорот. Сепак ова не треба а значи дека неговата организаторска улога во пренесувањето на оружје, планирањето на напади, изостанувале од успеси. Сосема напротив Гоце имал силни успеси во својата револуционерна дејност.  Од друга страна треба да се има во предвид дека борбените акции, не се романтични сцени од историските книги па така, тука има и суровост и крв и успех и неуспех.  Неговиот мек карактер, кој пред се гледал да корегира,  а не да казнува, се согледува и во еден особено интересен пример. По Виничката афера 1897 година, населението од тој крај се нашло во ужасна положба. Особено бил прочуен „виничкиот шпион“  Ѓорѓи Јованчев како што го ословува Христо Настев. Гоце со цел да го  одврати од таа штетна навика му ја испратил со посвета штотуку излезената  книга „ Шпионот“ од Фенимор Купер со сиже од ослободителната војна во САД. Токму преку овие постапки се гледа, онаа даскалска одлика на Гоце. Секогаш прво се обидувал да коригира определено однесување, а казната ја оставал секогаш за крај, кога друго решение не било можно. Со тоа Гоце станал „Војвода над Војводите“ и „душата на револуционерна Македонија“ 

Во политичките погледи на Гоце било особено важно робот да стане свесен за својата положба па дури тогаш да тргне во борба за своето ослободување. Негов најважен принцип било тоа дека македонското ослободително дело треба да биде внатрешна работа, дело на македонскиот народ. Како што запишале неговите современици, кога Гоце јавно говорел, тој не се трудел да го наметне својот став, не ги смислувал говорите, туку застанувал и „ја исповедал својата душа пред народот“. За потребата на борбата, Гоце многу вешто се маскирал па така станувал, сиромашен човек, даскал, ќумурџија, а и одбивал да се фотографира. Поради тоа го добил надимакот „Канатли шејтан“ –„“Летачки ѓавол“ од страна на османлиските власти. Во тоа време пасошите и личните карти биле без фотографија, па така фотографиите биле особено опасни доколку фотографот попаднел во рацете на аскерот и ги предал сликите на властите.  Климент Шапкарев радосно пишува за неговата среќа, кога го сретнал пред Хотел Батемберг, каде Гоце секогаш престојувал во соба број 9 и  кога конечно го убедил да се фотографираат за спомен во Софија. При оваа фотографска сесија настанал и потретот на Делчев од 1903 година. Една копија и пратил и на Јанка, неговата љубена, Јанка односно Јустинијана Каневчева од Охрид, која по неговата смрт се омажила со Михаил Геџиков, пријател на Делчев.  Секогаш внимателен, неуморлив, посветен на борбата, ете таков бил Гоцевиот лик. 

Смртта или преминот во вечноста

Делчев умира на денешен ден 1903 година во Баница. Според изворите се повеќе е јасно дека не станало збор за никакво предавство туку дека откривањето на Делчев било случајно. Дилемата за предавство или случајност, уште тогаш било разгледана од страна на Организацијата. Била спроведена опсежна истрага по иницијатива на Хврлев, на кој се натоварил товарот, дека тој е предавникот. Со истрагата раководел „мајсторот за шпионите“ Таската Серски, кој дошол до истиот факт дека откривањето и убиството станало по случаен пат. Ова додатно се потврдува и со фактот дека неколку дена Османлиските власти не го знаеле идентитет на убиениот Делчев, факт кој лесно се согледува од османлиските телеграми.  Гоце заминал во вечноста и легендите. Станал мит, пример, секој иден борец за слобода. 

„ …Кој што само еднаш го беше видел, веќе не можеше да го заборави. Загина тој. Но тој живее. Пред нас врви неговиот светол лик и ни го осветлува патот кон слободата. Неговиот бесмртен лик е најсовршен израз на духот и подвизите на народот, што се бори за еден слободен живот …“- Пеју Јаворов

*Текстот е изработен врз база на архивската граѓа приложена во шестомната монографија на  Христо Андонов Полјански „Гоце Делчев“, Култура, Скопје 1972 , том: II, III, IV, и книгата од Александар Стојановски „Турски документи за убиството на Гоце Делчев“ Архив на Македонија, Скопје 1992 година.

Последни епизоди

Колумни

Спонзорства

Стани партнер на Анекта

Спонзорирај епизода на Анекта и промовирај го твојот бизнис, цел или кауза на нашиот поткаст.