Mариовскиот војвода Толе Паша, кој во секое мариовско село имал најмалку по една љубовница, поради што честопати се наоѓал пред судот на револуцијата. Најелегантен „плејбој“ бил Борис Сарафов, човек чиј псевдоним бил „Убавецот“, а од соборците барал да го нарекуваат „Кнезот“. Трудејќи се неосновано да биде својевиден амбасадор на МРО низ развиените македонски и европски градови, тој бил чест посетител на „куртизаните“, па некои од неговите соборци му забележувале дека „војува само во креветите“.
Автор: Васко Гичевски
Организираното револуционерно движење во Македонија, олицетворено преку Македонската револуционерна организација, започнало на 23 октомври 1893 година. Од самото формирање, таа се залагала за политичка автономија на Македонија, согласно договорите потпишани помеѓу Османлиската империја и Големите европски сили на Берлинскиот конгрес во 1878 година. Во текот на своето постоење таа уште се нарекувала и ТМРО (Тајна македоно-одринска револуционерна организација) по Солунскиот конгрес од 1896 година и ВМРО (Внатрешна македоно-одринска револуционерна организација) по Рилскиот конгрес од 1905 година.
Верувам дека сите, волно или неволно, доволно сме запознаени со историјата на политичките настани кои таа ги преземала и круната на нејзиното делување — Илинденското востание. Она што помалку е познато во јавноста се нејзините општествени и социоекономски политики, кои ги преземала со цел населението да го издигне на едно повисоко ниво.
Вообичаено, кога говориме за минатото, скоро секогаш робуваме на стереотипот дека тоа биле изразито чесни и морални времиња, без современи девијации. Забораваме притоа дека најнеменливото нешто во човековата историја е токму духот на човекот. Сè што денес го имаме околу нас и што го карактеризираме како неморал или општествена декаденција, било присутно и тогаш, како што било присутно и претходно. Не постоело време кога човекот не блудничел, кога немал повеќе сексуални партнери, кога немало проституција. Таа појава е толку исконска што дури и во зората на човештвото, кога Бог му се јавил на Мојсеј и му ги дал десетте божји заповеди, ја изрекол седмата: „Не врши прељуба“. Очигледно е дека зборуваме за појава стара колку и самиот човек и која веројатно ќе биде жива сè додека човекот е жив. Сосема оправдано е да кажеме дека подеднакво долго постојат и обиди човекот да ги спречи овие појави. Причините за тоа се повеќе, но сите гравитираат околу колективното здравје и општествените норми и правила.
Делувајќи кон крајот на XIX век и почетокот на XX век, МРО имала специфична ситуација пред себе. Под нејзиното водство, населението од Османлиска Македонија водело и политичка борба, но и борба за себеосознавање. Процесот на себеосознавање не бил ниту можел да биде лесен. Се одвивал во услови каде немало развиена патна мрежа, немало интензивна економска поврзаност, во услови каде без лична карта не можело да се излезе од една каза и да се премине во друга. Тескерињата, односно личните карти, за многумина биле прескапи, бидејќи чинеле колку заработените грошеви од неколкумесечно аргатување.
Во тој процес на револуционерно будење и дејствување се изродиле низа херои и антихерои, добри и лоши одлуки. Таквиот след на околности бил неминовен, ако се знае дека во услови на теократско општество, масовна неписменост и неразвиена економија, ништо друго не било можно. Прозаично кажано, додека некој на Запад го измислувал телефонот, радиото и електромоторот, во Македонија еден маж и една жена орале беговска нива, волот им умрел, па мажот ја спрегнал жената и така ја орале нивата. Требало најпрво од робот да се направи човек!
Во тие и такви услови, доста распространет бил блудот, а во некои краишта и проституцијата. Некој тоа го правел од задоволство, некој заради заработка, но истото било препознаено како распространет општествен проблем. Поради тоа, една од социјалните политики на МРО била насочена кон моралното издигнување на населението.
Во прилог на ова постојат стотици записи низ мемоарската и официјалната документација на МРО, каде се говори за справувањето со „блудниците“ и „швалерите“. Во делото „Писма и исповеди на еден четник“ од Христо Силјанов, меѓу другото стои запис за учеството на Гоце Делчев во еден таков прогон на неморалот во селото Кономлади, Леринска околија, во 1901 година. Во селото, како што стои во записот на Силјанов, се створило „гнездо на развратот“. Неколку моми — Лена, Риса и Митра — го соблазнувале целото село, од млади момци до шеесетгодишни старци, а неретко и комитите. Поради тоа бил свикан „страшен“ суд каде што биле изречени физички казни и укори за засегнатите виновници.
Најревносен во политиките за морална чистота бил војводата Христо Узунов. Тој во својот дневник ги забележувал осудените блудници со име и презиме. Често прибегнувал и кон најтешката казна — смртната, иако неретко биле применувани и други казнени методи како тепање со стап по гол задник, јавна осуда и посрамување, стрижење на косата (затворска фризура) и редица други методи.
Кога говориме за блудници, треба да напоменеме дека тоа не се однесувало само на жените, туку казните биле наменети и за мажите, бидејќи во тој чин не е виновна само едната страна, како што велат „за љубов се потребни двајца“. Најтешките казни биле резервирани за оние што вршеле блуд со Турци и при тоа предавале тајни на организацијата. Во таков случај секогаш била досудувана најтешката казна — смртната.
Ниските страсти не биле одлика само на рајата. Познати се неколку примери на комити и револуционери кои често се оддавале на женски прегратки. Можеби најпознат е примерот на мариовскиот војвода Толе Паша, кој во секое мариовско село имал најмалку по една љубовница, поради што честопати се наоѓал пред судот на револуцијата. Од друга страна, најелегантен „плејбој“ бил Борис Сарафов, човек чиј псевдоним бил „Убавецот“, а од соборците барал да го нарекуваат „Кнезот“. Трудејќи се неосновано да биде својевиден амбасадор на МРО низ развиените македонски и европски градови, тој бил чест посетител на „куртизаните“, па некои од неговите соборци му забележувале дека „војува само во креветите“.
Секако, имало и изразито морални личности, како „срцето на револуционерна Македонија“ — Гоце Делчев, кој, заради прераната смрт, никогаш не успеал да се ожени со својата долгогодишна љубов Јустинијана Каневчева од Охрид. Ништо подолу не бил ниту Дамјан Груев, кого учениците го нарекувале „самодречен жрец за Македонија“, човек кој се откажал од сè човечко и се посветил на револуцијата.
Како што можевте да прочитате, ниските страсти се наши страсти. Тие постојат за нас, во нас и произлегуваат од нас. Не е виновен за нив ниту убавиот маж, ниту убавата девојка — виновни се обајцата. Страстите не познаваат степен на образование или професија, ниту пак закон и пропис. Самата индивидуа, човекот, е тој што ултимативно одлучува што ќе направи и, сходно на тоа, не треба да се изненади од плодовите кои ќе ги обере од дрвото кое сам го засадил и израснал.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на Анекта.
.