На менито на нашите предци пред околу два века најчесто можело да се најдат овошје и зеленчук вешто подготвени од рацете на жените кои од неколку главици кромид, пиперки, домат, грав, леќа компир, знаеле да направат чудесни манџи. Воедно често се јадело и разновидно овошје со леб и сирење а тој оброк бил наречен катук. Се приготвувале пецива со различни филови како што се мазник, зелник, баница, питулици односно мекици, а круната на секој оброк бил лебот.
Автор: Васко Гичевски
Храната е одлика на секоја култура. Таа зависи најмногу од природните услови во кое едно општество живее, но истата е одредена од низа на верски и обичајни норми, кои диктираат кога како што и каде се јаде. Иако на прв поглед делува сосема наивно, односот на човекот кон јадењето е прилично сложен, веројатно како што и доликува бидејќи тоа е една од основните човекови потреби. Токму поради тоа, јадењето на определено храна, не може да се третира само како еден обичен чин на ставање храна во устата. Човекот од тој чин создал еден комплексен ритуал, кој требало да му го задоволи и духот покрај стомакот.
Нашите предци, го немале денешниот луксуз да имаат достапност до различни видови производи во секое доба од годината. Се јадело она што било застапено во определена сезона, додека за зимата се подготвувала зимница. Таа, слободно можеме да кажеме била единствен начин да се зачува определен продукт од летото и есента, за да се користи во зима. Најчесто тоа биле разновидни туршии, како и сушени овошја и зеленчуци.
Месото пак било реткост на трпезата. Кога го имало тоа најчесто било пилешко месо, додека сосема поретко било телешкото, јагнешкото или свинското месо. Иако сточарството било особено развиено, конзумацијата на месо била слаба поради неколку причини. Најпрво во тогашните услови, месото не можело да се чува подолг период, бидејќи не постоеле уреди за разладување. Затоа најчесто животните се колеле во текот на зимата, па месото се презервирало со сол или пак се правеле колбаси, кои требало да се изедат во текот на тие два три најладни периоди во годината, кога всушност самите природни услови биле такви што овозможувале да не се расипе храната.
Понатаму употребата на месо и прехранбени продукти од животинско потекло била условена и од религијата. Поради долгиот период на посни денови, над 180 денови во текот на годината, употребата на храна од животинско потекло била целосна лимитирана. Рибата пак иако ја имало прилично многу во реките и мочуриштата, била послабо користена, најчесто за определени верски празници.
Треба да се обрне внимание и фактот дека доколку се заколе некое животно, крава, овца или кокошка, човекот ќе имал храна само кус период и останувал без едно делче од својот имот. Од друга страна пак, доколку не би ги заклал животните, човекот би имал, јајца, млеко, путер, сирење преку целата година. Оваа основна логика на селското стопанство можеби и била пресуден фактор за слабата употреба на месото во исхраната.

На менито на нашите предци пред околу два века најчесто можело да се најдат овошје и зеленчук вешто подготвени од рацете на жените кои од неколку главици кромид, пиперки, домат, грав, леќа компир, знаеле да направат чудесни манџи. Воедно често се јадело и разновидно овошје со леб и сирење а тој оброк бил наречен катук. Се приготвувале пецива со различни филови како што се мазник, зелник, баница, питулици односно мекици, а круната на секој оброк бил лебот.
Лебот и тогаш и денес е основна храна на најголемиот дел од населението. Тој бил приготвуван од пченично односно пченкарно брашно а понекогаш поради недостиг на брашно, во лебот се додавало и брашно од јачмен, рж, и просо, што драстично влијаело и на неговиот квалитет но и на вкусот.
Во периоди кога владеела глад, како што тоа биле годините по илинденското востание или периодот од 1912 до 1918 година, луѓето правеле леб и од растенија кои не се наменети за човечка употреба. Низ воените дописки останале забележни податоци дека во годините на Првата светска војна во Мариово се правел леб од дабов жир, кој што имал штетни последици врз здравјето на луѓето и предизвикувал отекување на нозете, а се случувало да доведе и до смртен исход.
Денот на нашите предци бил организиран поинаку од нашиот. Денес е вообичаено да имаме по три оброци на ден, но тогаш луѓето јаделе најчесто два оброци во текот на денот, ручек и вечера.
Појадокот бил прескокнуван со цел што повеќе да се заграби од времето во денот и да се сработи повеќе. Се јадело најчесто на софри поставени на земја, со употреба на заеднички прибор, кој и онака бил реткост и драгоценост во домовите. Немало засебни садови за јадење, едноставно била ставана тепсијата или грнето со манџа, па гладните навалувале на јадењето со прсти и лажици.
Вилушките пак биле извесна новотарија, бидејќи тие се појавиле помасовно на овие простори во втората половина на 19 век и тоа најпрво во градските домови, во семејствата на богатите трговци. Патеписците кои ја посетувале Македонија, многу често со особито гадење зборуваат дека најголемото богатство на сиромашниот човек е кантата од газија, која тој вешто ја исекол и во неа готви „сладок ручек“. Колку би можел да биде убав ручекот зготвен во амбалажа од нафтен дериват, оставаме, вие да претпоставите.
И покрај сите тешкотии, оброците во текот на денот биле централен настан. Целото семејство се собирало, па се разговарало за денот, за сработеното, за она што требало да се сработи и за она што не се сработило. Тоа бил момент на поврзување преку вкусот на јадењето, квалитетот на виното и ракијата, свежината на водата и преку топлиот мајчин, татков, дедин и бабин збор.
Фотографија: Politecon.com