Не му верувај на интернетот

Ви текнува на Мирц? А, на МСН? 

Пази со кого зборуваш и со кого се допишуваш на „тоа компјутерот“ беше мантра што многу миленијалци ја имаа слушнато во своите тинејџерски години кога нашите родители сфатија дека некако магично со помош на еден сив гласен рутер може да комуницираш со остатокот од светот, а тоа да не чини грдни пари за импулси. 

Што е за право, години подоцна сфативме дека многу луѓе токму поради интернетот и допишувањето со секакви сомнителни ликови станаа жртви на трговија со луѓе и не само жените – жртви на кои најчесто им се нуди добра живејачка или некаква си манекенска кариера во странство, да потоа бидат буквално продадени во трети земји, силувани и принудени да се бават со проституција. Тука се и економските жртви на овој вид на бизнис, кои наседнуваат на разно разни огласи на Фејсбук за посредништво за работа во странство, по тоа што знам и се сеќавам најчесто тешки работни позиции во градежништвото или металската индустрија. Еден куп луѓе се излажаа, па дури и од Македонија, и станаа „робови“ на лоши работни услови, приморани да спијат и по десет луѓе во ист стан, без дозвола да се вратат дома и најчесто без скршен денар во џебот. 

Затоа и се измисли медиумската писменост меѓу другото, да знаеме како и што да препознаеме како информација, дури и кога таа не е пласирана на традиционалните медиуми, а во поново време порталите и поткастите. Плен за ловење има насекаде, а ни оние кои себе си се сметаат за многу пмаетни или имуни на оваа појава лесно можат да паднат во замка. 

Плод на лошата страна на интернетот е и т.н Tinder Swindler, односно Симон Левиев кој преку апликацијата Тиндер, апликација за состаноци, успеа да изманипулира и ограби неколку жени ветувајќи им луксузен живот и „принц“ од соништата. Да е иронијата поголем, тој сега е на слобода и повторно на социјалните мрежи (документарецот можете да го погледнете на стриминг платформата Нетфликс) 

Од една крајност каде што се плашевме од некој кој што има лице, дури и кога се крие зад лажен профил на сцена настапи вештачката инетелигенција или меѓу луѓето попознато како AI. 

Со едно пребарување на Гугл може да се најдат десеттици апликации кои со помош на АI може а генерираат фотографии, да ви напишат расказ, да ви излистаат факти на одредена тема кои инаку би морале да се „мачите“ и да пребарувате на различни места и да црпите повеќе извори. Со најнова платена верзија на AI за 20 долари месечно сѐ ова ви е на дланка. 

За потребите на оваа колумна, а и за лична сатисфакција пред неколку дена се заиграв толку со една ваква апликација за едитирање фотографии. Чини осум долари месечно и верувајте прави чуда. 

На моја фотографија сликана лани успеав да соберам над 100 лајкови на Инстаграм. Не знам дали луѓето не гледаат на што стискаат лајк, знаат ама не им е важно и само кликнуваат „ми се допаѓа“ или навистина во ова море на инфлуенсери, интернет лица и блогери и блогерки ние не можеме да процениме кој што ни продаваме. 

Е, сега дали тие фотографии кои личат како да се направени од професионален фотограф, некои од нив како да се дел од фото сесија ќе знаеме да ги препознаеме која е лажна, а која вистинска? 

Ќе замени ли новата технологија многу професии или оние паметните ќе успеат да ја искористаат да си олеснат професијата? 

Мислам дека не знам, не знае сѐ уште никој. Техологијата се менува и напредува повеќе отколку што ние реално можеме да ја следиме во од. 

До следен лајк,

Анекта.

Последни епизоди

Колумни

Спонзорства

Стани партнер на Анекта

Спонзорирај епизода на Анекта и промовирај го твојот бизнис, цел или кауза на нашиот поткаст.