Некаде низ кратките видеа на Инстаграм ми излезе видео со Џенифер Лоренс и Виола Дејвис. Темата на разговор беше мајчинство – тема што за среќа на сите мајки и татковци е актуелна периодов.
Па така, на социјалните мрежи, по поткасти и на трибини ја слушаме и нерозевата вистина која ја живееат милиони родители. Мора да признаам дека е ослободувачки и нуди доза на утеха кога знаеш дека не си сама. Ги споменувам само мајките затоа што во ова општество вклученоста на таткото во растењето на пази те молам своето дете се става на пиедестал и се даваат безброј титули за добриот татко и се зборува само во суперлатив.
Но, од другата страна на паричката има нешто што мене особено ми пречи во прикажување на „обичноста“ на жени кои се привилигирани и во подобра економска и социјална положба од остатокот од светот, а на остатокот на светот мислам на сите без разлика на пол.
Претпоставувам дека не може да не ги признаваме емоциите на жени со милиони на своето конто, мајчинската несебична љубов за дете не си заминува со секој нареден милион на сметка.
Да појаснам зошто ги споменав актерките уште во првиот пасус. Во кусото интервју зборуваа за константната грижа дали нивните деца се најадени, згрижени, дали нешто што прават, зборуваат е нормално за бебе/дете на одредена возраст.
Не сакам да звучам, како според мене, една фракција од самопрогласени левичари кои удираат со камења и клетви по секој кој што заработува, не ми е тоа намерата. Само сметам дека треба да се бара коренот на проблемот, за да се лечи трулиот лист нели?
И би можела јас сега да цитирам пасуси од истражувања и разни теории по овој или оној, анкети и големи професори кои предавале или сѐ уште предаваат на звучни и престижни универзитети.
Можеби многу обременувам, но со оглед на тоа дека оваа е прва колумна на Анекта, сакам да потенцирам дека ми е најважно овие мои писанија секој понеделник да стигнат до поголема публика, зошто и малку ми е смачено колумните да припаѓаат и да се само на многу учените и академските граѓани. Да, можеби на тоа сме навикнати, но светот се менува, не?
А, сега по рекламите, назад на темата.
Она што е зад обичните приказни на само обичните холивудски мајки со куќишта во кои има осум спални и осум тоалети, ние не го гледаме ни пак можеме да знаеме како е да се води живот под лупа на јавноста. Но, тоа е исто како со оние Инстаграм инфлуенсерки кои стигнуваат на своите деца секој ден да им зготват три оброка, дома големите бели и беж софи им се постојано чисти, кожата намачкана со ретиноли, а ноктите со уреден незабележлив маникир. Претпоставувам дека жените кои им се најмени за одржување на домот и чување на децата не се појавуваат на секое стори и интервју.
Да треба да прифатиме дека меѓу нас не има разни, и да не обвинуваме никој што решил да има таков живот, но дај те молам. Можеби најлесното решение е да не следиме такви профили на социјалните мрежи и да сфатиме дека не треба да се идентификуваме со актерките и џет-сетот во светот, но да поразговараме за уште една работа. Замисли седиш дома на породилно без никаква помош од семејството, од државата уште помалку и некој те убедува дека ете и Џенифер Лоренс имала иста мака како тебе. Сите сме исти, само што баш и не. Благодарам, ама не ни ја бутајте и таа пропаганда. Многу изголтавме.
И за ова некој ќе рече дека треба да сме над ситуацијата и да не не погаѓаат совршените живот и фотографиите со филтер, но има жени на кои и тек како нечиј живот под конец им прави немир и чувство на вина. И уште еднаш да не ја заборавиме моќта на хормоните кои особено постпартално се еден таков ролеростер што не само што не личиш на себе, туку се распаѓаш. Лутина, бес, беспомошност, плачки. Го пишувам ова и си ги местам постпарталните зулуфи, косата што падна се враќа и расте назад. После една година!
Така што верувајте дека сѐ е процес, а низ процесот да ги критикуваме оние што ја искривуваат целата слика – холивуд мајчинство не постои, а разно разните тренери за перење на мозок и само сакање нека не пробуваат со уште една заработка да не лечат од истото и да ни го покажат патот.
Но, за тоа наредниот понеделник.
Со љубов,
Анекта.